0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитикаТема

Современи стандарди во новите врвни услуги на Хематологија

Со современи стандарди и услуги, со успешно спроведени трансплантации на коскена срцевина, односно матични хематопоетски клетки од сроден фамилијарен донор (брат или сестра), а од пред еден месец дури и од несроден (нефамилијарен) донор, во реновиран оддел и обезбедени современи лекови, модерни услови за хоспитализација, Универзитетската клиника за хематологија полека, но сигурно се вбројува меѓу познатите европски медицински центри. На Клиниката е во тек комплетна реконструкција на целиот стационар.

Скопје, 13 декември 2018 (МИА) – Со современи стандарди и услуги, со успешно спроведени трансплантации на коскена срцевина, односно матични хематопоетски клетки од сроден фамилијарен донор (брат или сестра), а од пред еден месец дури и од несроден (нефамилијарен) донор, во реновиран оддел и обезбедени современи лекови, модерни услови за хоспитализација, Универзитетската клиника за хематологија полека, но сигурно се вбројува меѓу познатите европски медицински центри. На Клиниката е во тек комплетна реконструкција на целиот стационар.

Директорката на клиниката Ирина Пановска-Ставридис за МИА изјави дека по извршената прва трансплантација на коскена срцевина, односно матични хематопоетски клетки од несроден донор во ноември, македонското јавно здравство се најде на мапата на светските и европските медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта. Посочи дека се во тек активности кои се однесуваат на подготовките околу спроведување на втората несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки, односно коскена срцевина, што се очекува да се реализира идниот месец.

– На почетокот на ноември македонската јавност сведочеше на еден голем чекор напред во јавното здравство во Македонија. На Клиниката за хематологија се спроведе првата трансплантација на коскена срцевина односно матични хематопоетски клетки од несроден донор. Една од најсовремените и најкомплицирани методи за лекување во светот стана достапна и во јавното здравство на Република Македонија. Македонските осигуреници со воведување на оваа услуга во македонското јавно здравство добиваат многу подостапна, поекономична услуга, еднакво ефикасна со останатите европски центри, која во исто време овозможува тие да бидат близу до своите семејства во периодот кога минуваат низ ова сложено лекување, вели д-р Пановска-Ставридис.

Според неа, несродната трансплантација претставува и висок професионален дострел за стручниот тим од Универзитетската клиника за хематологија и остварување на професионалниот сон на неколку генерации хематолози.

Таа нагласи дека првиот пациент на кој му беше извршена оваа интервенција е веќе дома и неговата рехабилитација и лекување продолжуваат во домашни услови.

– Хематопоетските клетки што тој ги доби од непознат, генетски идентичен доброволен дарител, жител на земја членка на Европската Унија, се веќе прифатени. Пациентот ја има крвната група на својот донор. Во наредниот период неговото тело комплетно треба да се адаптира на новиот имунолошки систем. Овој имунолошки ситем, пак, од друга страна, преку сложените и истовремено фасцинантни имунолошки механзими ќе треба да се избори и со евентуалната резидуална малигна болест во неговото тело, истакна д-р Пановска-Ставридис.

Ова момче, потенцира директорката на клиниката, влезе во историјата на македонската медицина како прв пациент лекуван во нашата земја со несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки, но ќе биде запаметен во македонската јавност и како уште поголем јунак, бидејќи одлучи јавно да проговори за да ги охрабри сите кои се борат со ист предизвик како неговиот.

– Јавноста имаше можност преку социјалните мрежи и медиумите да проследи видео со приказ на битката на Филип со подмолната болест, акутна миелоидна леукемија. Видеото ја прикажа и посветеноста на стручниот тим од Универзитетската клиника за хематологија. Тие првпат совладаа крупен предизвик, воведувајки ја новата современа метода на лекување, несродната трансплантација. За нас, како тим, нема поголема награда и признание за нивниот труд од јавно искажаните зборови на Филип. Неговиот пример покажува дека македонското здравство нуди услуга и можност, унифицирана и еднакво квалитетна, како и во сите современи европски центри, рече д-р Пановска-Ставридис.

Сепак, нагласи таа, напоредно со сите нивни активности и натаму ќе вложуваат напори за одржување на современите стандарди за успешно работење и обезбедување врвни услуги за пациентите.

Одделот за трансплантација на хематопоетски матични клетки има четири еднокреветни апартмани со посебна изолација и поединечни санитарни простории според стандардите за лекување со трансплантација на хематопоетски матични клетки. Новите системи за вентилација со хепа-филтри обезбедуваат апсолутен чист воздух без присуство на честички, со позитивен натпритисок, измени на воздух од 10 до 12 пати на час и претставуваат единствен ваков стандард за лекување болни во јавното здравство во Република Македонија. За подготовка на болните и донорите на одделот се реновирани и две двокреветни соби за реверзна изолација. Тимот лекари и медицински персонал кои работат на Одделот е специјализиран и обучен за извршување на сите видови трансплантација на матични клетки. Лекарите и медицинските сестри се едуцирани за извршување сродна и несродна трансплантација во еминентни акредитирани болници во Германија, Грција, Словенија и САД.

Д-р Пановска-Ставридис најави дека Одделот за трансплантација на матични хематопоетски клетки на Клиниката ќе се доопреми со средства кои ќе бидат собрани преку аукција на уметнички дела, што идната недела ќе се одржи во „Сити хол центарот“, во организација на Универзитетот Американ колеџ во Скопје.

– На Клиниката за хематологија од 2000 година досега се извршени речиси 500 трансплантации кај болни со акутни леукемии, малигни лимфоми, мултипен миелом и останати малигни и немалигни хематолошки заболувања кои имаат потреба за лекување со овој тераписки пристап. Резултатите од лекувањето со трансплантација на хематопоетски матични клетки во Република Македонија се идентични со оние од останатите европски центри за трансплантација, додаде д-р Пановска-Ставридис.

Рената Пепељугоска

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close