0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталДописници Свет

Комеморативна седница за починатиот градоначалник Стојаноски

Комеморативна седница ќе се одржи денеска во Охрид по повод ненадејната смрт на градоначалникот, проф.д-р Јован Стојаноски.

Охрид, 17 декември 2018 (МИА) –  Комеморативна седница ќе се одржи денеска во Охрид по повод ненадејната смрт на градоначалникот, проф.д-р Јован Стојаноски.

Комеморативната седница ќе се одржи во големата општинска зграда со почеток во десет часот.

Советот на општина Охрид вчера на вонредна седница свикана по повод  ненадејната смрт на Стојаноски едногласно  донесе одлука денеска да биде прогласен за ден на жалост на територијата на општината.

Согласно одлуката, за денеска се откажуават сите закажани манифестации од културно забавен карактер.

Погребот на посмртните останки на Стојаноски ќе се одржи во 14 часот на Градските гробишта во Охрид.

На комеморацијата и погребната церемонија е најавено присуство на видни личности од политиката и јавниот живот, а меѓу нив и премиерот Зоран Заев, кој, како што соопшти Владата, поради ненадејната смрт на Стојаноски го откажа присуството на настанот за отворање на делница од автопатот во Бугарија.

Градоначалникот на Охрид проф.д-р. Јован Стојаноски почина завчера изутрина, во возила на службата за итна медицинска помош, на пат кон Центарот за кадриоваскуларни болести.

Стојаноски беше професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а градоначалничката функција ја вршеше од 20 октомври минатата година, по победата во првиот круг од локалните избори.

Стојаноски, роден на 7 август 1970 година во Охрид, беше оженат и татко на две деца. аб/ац/

 

Таг
Back to top button
Close
Close